Советувалиште

Почитувани родители,

„Допуштете природата да ви биде учител“

Вилијам Вурдсворт - англиски поет

            Вие сте нашите ПРВИ партнери и соработници, а за Вашата општествена одговорност, помош и поддршка која континуирано ја давате на ЈДГ „Весели Цветови“ - на општина Кисела Вода во Град Скопје, предучилишната установа каде се згрижени и се воспитуваат Вашите деца ние Ви изразуваме ОГРОМНА БЛАГОДАРНОСТ.

            Со овој допис наменет за ВАС наши родители, сакаме да ВЕ ОХРАБРИМЕ и понатаму да продолжите бидете НАШИ исклучителни поддржувачи на мисијата, визијата и унапредувањето на воспитно - образовната работа во нашата установа. Имено, во исто време имаме две ЖЕЛБИ кои не би било возможно да ни се исполнат нам и на Вашите деца, а тоа се:

  • Да имаме можност поголем дел од времето да го поминуваме надвор, во дворовите на секој објект каде е згрижено и престојува Вашето дете, и
  • Да ни дадете еден вид материјална и финансиска помош и поддршка, максимално ги искористиме дворните површини во секој објект за изведување на воспитните активности надвор, познати како OUTDOOR активности.

            Што значат OUTDOOR активностите за растот и развојот на Вашите деца?

            Се повеќе нашите деца растат во изолација од природата. Затоа е потребно да им помогнеме да го воочуваат светот околу себе, да го почувствуваат контактот со водата, растенијата, инсектите, а притоа да го поминуваат квалитетно времето во корелација со своите потреби и интереси, а сето она што искуствено ќе го научат, да можат функционално да го применат или практикуваат.

            Самите знаете дека денес се повеќе расте загриженоста поради малата физичка активност кај децата која е поврзана со голем број на здравствени проблеми кај нив. Играта кај децата е најважниот елемент за нивниот правилен раст и развој во сите домени - моторен развој, социо - емоционален, когнитивно - бихејвиорален, комуникациски и психо - социјален. ИГРАТА ЈА МЕНУВА АРХИТЕКТУРАТА НА ДЕТСКИОТ МОЗОК, на тој начин што истовремено работи на неколку адаптивни системи, на задоволство и уживање, регулација на емоциите, реакции на стрес, поврзаност помеѓу учењето и креативноста - а сето тоа се удвостручува доколку децата насочената и слободната игра ја практикуваат надвор, во природа. Бројни истражувања потврдуваат дека играта на децата надвор е од исклучителна и најголема важност за нивниот развој, стекнување искуствени и функционални знаења и за нивното здравје, како основа за водење на квалитетен живот.

            Играта надвор, во дворовите на градинките каде децата се згрижени и престојуваат е клучна за поттикнување на нивното здравје и развој. Играта надвор е многу важна за правилно развивање на односот на децата кон природата, нивната независност, способност за ориентација, физичката активност и чувството на припадност во местото. Според Светската здравствена организација, децата е неопходно да имаат физичка активност секој ден најмалку три часа, распоредени во текот на денот, особено на возраст над 2 години.

            Драги родители, играта на отворено на децата им овозможува различна димензија во нивниот начин на истражување, при што тие се развиваат интегрирано, а тоа значи дека и развојот на нивните развојни домени е меѓусебно поврзан. Во општетсвото во кое живееме, природата е се помалку достапна за децата, па затоа улогата на градинката е се позначајна. Тоа значи дека ако во градинка е присутна игра на отворено, на децата ќе им биде достапна нова околина за истражување, а со тоа и нови начини за стекнување на знаења и искуства. И во случај временските услови да не се добри, играта на отворено и престојот на свеж воздух секојдневно се препорачува, бидејќи на тој начин кај децата се активираат сите сетила. При работата со децата на отворено, во дворот на самата градинка, не е најважна целта, туку различните процеси преку кои децата поминуваат на патот до целта.

            Почитувани родители, децата потребно е да ги поттикнуваме на самостојност и иновативност. Наша одговорност, како партнери е да им овозможиме слобода и стимулативна средина во која тие самостојно ќе истражуваат и ќе се занимаваат со она што е нивен интерес. Оттаму, примарно влијание на играта на отворено е позитивното влијание врз телесното здравје на децата, нивниот правилен раст и развој, позитивно влијание на нивното ментално здравје, како и развој на самосвеста и подобри социјални вештини. Играта на отворено кај децата го поттикнува развојот на фантазијата и креативноста - клучни сегменти за нивното понатамошно ковергентно и дивергентно мислење, логичко рамизлување и асоцијативно поврзување.

            Важно што треба да го знаеме сите, а во кое Вие драги родители можете да ни помогнете е заедно да обезбедиме за децата додека играат на отворено, необликувани материјали, бидејќи колку тие се поразноврсни, интересот кај децата е поголем, а учењето е побогато. Необликуваните материјали ќе ги поттикнат децата на истражување и експериментирање, а со тоа ја развиваат фината и грубата моторика, креативноста и способноста за забележување, внимание и концентрација. Значи, за децата да имаат можност слободно да играат, да ја развиваат својата иновативност и самостојност, потребно е просторот надвор да го уредиме тој да биде во функција на т.н. „ТРЕТ ВОСПИТУВАЧ“!

            На децата АЈДЕ да им овозможиме индивидуален пристап во отворен простор, со цел да им обезбедиме целосен развој на нивните потенцијали. АЈДЕ  кај децата да ја поттикнеме еколошката свест и грижа за животната средина, бидејќи тоа ќе ги даде резултатите подоцна, кога тие како возрасни личности повеќе ќе ја почитуваат природата, а таа ќе им го врати она што во детството им го дала.

            Мора да ви ги нагласиме четирте основни премиси кои ни ги порачува филозофијата на OUTDOOR активностите во градинка:

  • Прво, учењето надвор е посветеност кон човековата одговорност за грижа за природата - развој на етичко однесување кон природата;
  • Второ, когнитивната цел на учењето надвор е освестување за меѓусебната поврзаност на сите делови од екосистемот, а истовремено, OUTDOOR активностите не ги одредуваат специфичнте избори, туку ги учат децата да носат одлуки врз основа на факти;
  • Трето, искуственото и функционално учење и истражување дава поголема количина на знаења за надворешниот свет;
  • Четврто, тоа дава можност и ги дава темелите за она што е основа за напредок на секое општество, а тоа е целодневното учење.

Во продолжение почитувани родители ќе Ви дадеме неколку примери за оние OUTDOOR активности кои планираме да ги реализираме, а Ве повикуваме и охрабруваме, СИТЕ ВИЕ со нас да споделите идеи за нови, во кои би сакале Вашето дете да ужива!

А. ЗАПОЗНАЈТЕ ГО ДОЖДОТ - Кој вели дека мора да останеме во занимална додека паѓа дожд? Да застанеме под чадор и да слушаме како капките дожд тропкаат на површината од чадорот. Да им дозволиме на децата да го слушаат овој звук и ни кажат што и како се чувствуваат. Нека децата дозволат на дланка им падне капка од дождот. Нека набљудуваат дали таа ќе се рашири на нивните дланки или ќе се впие во нивната кожа. Нека децата набљудуваат каде оди дождот и како се однесува додека удира на различни површини. Дали се имаат појавено барчиња? Каде дождот не остава траги, ниту се стопила во површината на земјата? Има ли надвор животни или инсекти кои уживаат на дождот? Да истражуваме малку за полжавот кој излегува после дожд, да дознаеме некои факти за него, па потоа можеме да продолжиме со примена на техники од Програмата Никола Тесла на учење за развивање на надареност кај децата!

Б. НАБЉУДУВАЊЕ НА МРАВКИТЕ - Пред да одиме надвор, може да раскажуваме за правките, да дознаеме некои вистини за овие “вредници“, па да ги искористиме за стекнување на искуствено занење. Од сите инсекти, мравките е најлесно да ги гледаме, а може да ги следиме каде не водат. Тие секогаш одат во колона и бараат храна. Може да се направи и експеримент со цел да се види како мравките комуницираат меѓусебно додека одат една позади друга. Може да собереме неколку гранчиња и листови, и да ги распоредиме во близина на мравјалникот, со цел да создадеме затворен простор. Може да истуриме малку шеќер и трошки од колачиња во кригот. Ако мравките го пронајдат овој подарок, а со цел да го земат, ќе остават мирис за да можат подоцна да се вратат на истото место. Штом ќе се формира колона од мравки, внимателно треба да ги тргнеме стапчињата и листовите.

В. ВО ПОРАГА ЗА СЕМКИ - Може детето кое ќе најде семка во дворот на градинката, да ја однесе дома, ја засади во саксија и набљудува дали ќе порасне во некаков плод. Истото може да се направи во амбалажа од јаја или млеко и сок, каде треба да ставиме земја, да го ставиме на сонце и ги полеваме семките.

Г. ПОТРАГА ПО ЖИВОТ ОКОЛУ СЕБЕ - Сите деца сакаат да играат детективи. Може да ги набљудуваат пајаците кои плетат своја мрежа, може да поткренат некое каменче и да видат дали таму се крие некое друго животни. Само треба да се следат и бараат докази за животинскиот свет кој живее во близина. Децата нека ги набљудуваат пеперутките, пчелите, осите...Може за нив да им раскажеме некои занимливости преку приказни според Никола Тесла системот на учење за развивање на надареноста, така што децата многу полесно ќе го запомнат она што им го раскажуваме, и тоа по пат на асоциативни прашања врз основа на информации, но и да научат самите да раскажуваат бајки и приказни

            Затоа, ДРАГИ РОДИТЕЛИ Ве повикуваме АЈДЕ заедно да воведеме барем еден “ЗЕЛЕН ЧАС“ во текот на денот за сите деца, без разлика дали времето ни е наклонето или не! Прочитајте за овие и други активности во книгата на Џенифер Вард  - The Liile Explorer од 2016 година, каде се наведени 52 возбудливи активности со деца на отворено.

Со Почит,

Подготвиле:
Стручен тим на

  • ЈДГ „Весели Цветови“ - на општина Кисела Вода во Град Скопје
  • Весна Блажевска - социјален работник
  • Наташа Живковска - логопед
  • м-р Анета Јовановска Стојаноска - дефектолог
  • Николина Блажевска - педагог

За Нас

Градинката Весели Цветови започнала со работа во далечната 1945 година во Скопје.

По ослободувањето на нашата земја, на 15 Март 1945 година, Народниот одбор на Скопската околија ја формирала установата "Мирче Ацев". 
Градинката почнала да работи во станбена зграда со 20 деца и 3 вработени.

Прочитај повеќе...

Посетеност

Денес109
Вчера399
Оваа недела1255
Овој месец6145

Моментално посетители

2
Онлајн

2024-04-26

Политика за колачиња