Важноста на физичката активност кај децата.
Главна медицинска сестра: Марија Димитрова.
Влијанието на вежбањето врз децата од предучилишна возраст
Природниот биолошки развој на човекот е тековен процес што се одвива според неговите закони, иако индивидуалните анатомски, физиолошки, когнитивни и моторни делови се развиваат со одредено темпо и ја достигнуваат својата целосна зрелост во различни периоди. Растот на здраво бебе е совршено програмиран, биолошки регулиран и насочен.
Растот означува зголемување на димензиите на телото – во висина, тежина и други сфери што може да се измерат,а развојот е стекнување вештини во сите аспекти од животот на детето.
Различните видови развој често пати се поделени во четири области :
1. Физички развој - ова се однесува на порастот на вештините и можностите на телото и вклучува:
- развој на грубата моторика (користење на големите мускули), на пример, нозете и рацете.;
- развој на фината моторика (прецизно користење на мускулите), на пример, дланките и прстите.
2. Социјален и емоционален развој - е развој на идентитетот и сликата за себе, развој на врските и чувствата за себеси и учење на вештините за живеење во општеството со други луѓе.
3.Интелектуален развој - е учење на вештините на разбирање, паметење и концентрација.
4.Развој на комуницирање и говор - е учење да се комуницира со пријатели, семејството и сите останати.
Сепак, важно е да се сфати дека сите области на развој се поврзани меѓу себе.
Поради тоа, растот и развојот се постојани динамични процеси што се одвиваат од зачнување до целосна зрелост по еден редослед и се приближно исти кај сите.
До кој степен плановите и програмите за физичка и здравствена култура ќе бидат постигнати при работа со деца од предучилишна возраст и колку вежбањето ќе има влијание врз децата ,зависи од повеќе фактори, меѓу кои значајно место припаѓа и компетентноста на воспитувачите.
Современото општество се карактеризира со позитивни и разни негативни влијанија. Сè помалку е застапено движењето,а се повеќе се седи пред телевизор и други немускулни активности надополнети со несоодветна исхрана кое за жал зема се повеќе замав. Во таква ситуација, физичкото вежбање е огромна потреба за децата од предучилишна возраст. Физичката активност е еден од основните услови за нормален раст и развој на децата и придонесува за развој на антрополошките карактеристики, како и зачувување и подобрување на нивното здравје.
Под физичко вежбање ги подразбираме сите движења и активности што личноста свесно ги применува и ги користи за неговиот развој, развој на неговите квалитети и способности, за стекнување на моторни вештини и нивно усовршување како и за зачувување и унапредување на неговото здравје.
Карактеристики на развојот на децата
За да може вежбањето да биде ефикасно врз целокупната личност на детето, неговиот физички развој, развојот на антрополошките карактеристики и моторното знаење, потребно е да се утврди постојната состојба и врз таа основа да се утврдат насоките на нивната трансформација.
Доколку некој сака да работи правилно со деца од предучилишна возраст, еден од основните услови е да работи во согласност со карактеристиките на нивниот раст и развој. Оваа потреба е важна доколку сме свесни дека децата (од нас возрасните) сакаат и очекуваат да ги разбереме. За да можат децата да бидат разбрани, тие мора да бидат прифатени со сите свои недостатоци и доблести, односно кога ќе ги знаеме и препознаеме овие развојни карактеристики на децата. Родовите разлики исто така треба да бидат земени во предвид.
На растот и развојот на децата од предучилишна возраст исто така влијаат поедини жлезди со внатрешно лачење. Кај помладата предучилишна возраст тоа е тимусот или градната жлезда,кај средната и постарата предучилишна возраст е хипофизата,штитната жлезда и полните жлезди.Исто така треба да се има во предвид дека растот и развојот не се одвиваат само по одредени биолошки закони, туку и под влијание на околината (од организирање на денот, преку исхрана, спиење, до движење или физичка активност). Правилната, разновидна и редовна исхрана е предуслов за изградба, работа и усовршување на ткивата, како и за целиот физички развој.
Корисно е физичките активности со деца од предучилишна возраст да се изведуваат на отворено, вкупно дневно 3-4 часа, со прекини, се разбира.
Исто така е важно да се напомене дека во растот и развојот на детето се појавуваат фази на забрзан и фази на успорен раст кои се менуваат. Со оглед на периодите на забрзан и забавен раст, ги разликуваме следите фази:
1. Од раѓање до 6-годишна возраст - Прва фаза на забрзан раст
2. а) Од 6 до 10 години - кај девојчиња -Прва фаза на успорен раст
б) Од од 6 до 11 години - кај машки деца - Прва фаза на успорен раст
3. а) Од 10 до 14/15 години - кај девојчиња -Втора фаза на забрзан раст
б) Од 11 до 17 години - кај момчиња - Втора фаза на забрзан раст
4. а) Од 14/15. години до 20 години -кај девојки - Втора фаза на успорен раст
б) Од 17 до 25 години - кај момчиња -Втора фаза на успорен раст
Во фазата на забрзан раст се усовршуваат органите за движење, дишењето и крвотокот кое пак позитивно влијае на моторните и функционалните способности.
Така, растот и развојот на детето од предучилишна возраст е интензивен до таков степен што димензиите на одделните делови на телото се менуваат, што резултира со промени во изгледот (глава, торзо и екстремитети).
Затоа, се очекува воспитувачот да го следи и проверува растот и развојот на детето и преку физичката активност на детето, да забележи ако има отстапувања од редовната состојба и доколку е потребно, во границите на авторитетот, да одговори на тие услови.
Влијание на вежбањето врз анатомско - физичките карактеристики
Паралелно со брзиот раст, долгите коски и 'рбетот се окоскуваат. Коските се меки, еластични, а скелетот е мек и затоа е подложен на деформација.
Овој процес на осификација(окоскување) не се одвива рамномерно. Рбетот на децата од предучилишна возраст е многу подложен на промена, така што е потребно претпазливост при вежбање.
Мускулниот развој, кој полека се развива кај децата, исто така е тесно поврзан со растот и развојот на коските. Првично, мускулното ткиво кај децата содржи многу вода и малку протеини, па според тоа прво се развиваат поголеми мускули, а потоа и помалите (Пример: детето ја движи полесно целата рака отколку од дланката и прстите). Затоа, со вежбање треба да се влијае на мускулите екстензори.
Дишниот, крвоносниот и нервниот систем ги обезбедуваат основни витални функции. Респираторните органи на детето сè уште не се развиени (примарните дишни патишта и бронхии се потесни, алвеолите на белите дробови се недоволно развиени ,а носните отвори се тесни и ова го отежнува дишењето на детето).
Добро е познато дека на децата им треба повеќе кислород од возрасните па затоа со вежбањето се постигнува ефект на зголемување на виталниот капацитет и го прави респираторниот систем поповолен.
Ритамот на срцето исто така се менува (фетусот има 150 отчукувања / мин., во втората година 105, а во четвртата 95-90 отчукувања / мин.), а со тоа и волуменот на крв.
Неразвиениот нервен систем се одразува преку движењата на децата. Во првите години од животот, мозокот е недоволно развиен, така што движењата кај децата се незрели и некоординирани,за подоцна со неговиот развој и движењата стануваат попрецизни и посложени.
Карактеристики на моторните движења кај деца од предучилишна возраст
Движењето на децата од предучилишна возраст имаат различни карактеристики во различни фази на раст и развој.
Што се однесува до помладата возрасна група (3 и 4 години), една од основните карактеристики е дека децата ги совладале основните природни форми на движење - одење, трчање, ползење, скокање и качување. Сепак, движењата се релативно бавни и површни, па затоа и барањата кој се поставуваат и очекуваат од децата треба да бидат помали во однос на изведбата на движењата. Времетраењето на вежбата не треба да надминува 10-15 минути.
Средната возраст група (4 и 5 години) се карактеризира со зголемена способност за движење. Движењата се побрзи, поспретни и во исто време децата веќе го разликуваат правецот на движење и снаоѓање во просторот. Физичката активност со деца на таа возраст може да трае малку подолго, до 20 минути.
Постарите деца (од 5 до 6 години) се посилни и поиздржливи и со тоа се и поподготвени да се вклучат во различни форми на физичка активност. Физичките активности може да траат до 30 минути.
Освен што децата од предучилишна возраст се заморуваат побрзо ,треба и содржината на вежбите да им се менува.
За време на вежбата (одредено движење), важен е и ритамот на нагласени и ненагласени делови на движења.
Карактеристики и содржина на физичките вежби
Одењето е едно од основните моторни движења. Одењето има позитивен ефект врз целиот организам, а особено врз локомоторниот систем. Затоа, може да се користи за да се влијае врз правилното држење на телото. Треба да се предупредат децата да не ги спуштаат главите при одење и да не ги влечат нозете. При изведување на вежби за одење треба да се започне со едноставни задачи (одење со музика, забрзано и бавно одење, одење на намалена површина, одење со вртење, запирање и сл.).
Трчањето исто така припаѓа на основните моторни движења , но има ефект врз респираторниот и циркулаторниот систем. Трчањето треба да се спроведува во согласност со карактеристиките и можностите на детето. Децата од предучилишна возраст при трчање треба да бидат насочени кон одржување на „дадена“ насока и да бидат водени преку игра со постепено завршување на соодветни вежби за трчање.
Исто така децата од оваа возраст можат да скокаат во далечина и во висина. Треба да се биде претпазлив кога се работи со деца од 3 години, затоа што сеуште не знаат како да скокаат (потребна е поголема координација на рацете, нозете и торзото). Скокањето треба да започне со имитација на животни, односно со едноставни скокови на место, во движење, потоа на една нога итн.
Тркалањето, фрлањето, фаќањето и погодувањето исто така се сметаат за моторни движења. Важно е децата при игра - фрлање ,секогаш да фрлаат во иста насока (не едни према други).
Лазење и протнување се вежби кои имаат добар ефект врз растот и развојот на 'рбетот, како и на држењето на телото. Децата сакаат активности поврзани со овие моторни движења. Препорачливо е после вежби со лазење да се користат вежби за истегнување .
Качувањето е движење што детето го користи веднаш по одењето (обидувајќи се да се искачи или да виси на уред или предмет што може да го достигне). Кога се качува, детето ги развива рамените , стомачни и градни мускули, мускули на нозете ,а со тоа општо ојачува.
Притискањето и влечењето е доста заморно за децата. Бидејќи немаат можност да го проценат притисокот или оддалеченоста на влечењето, можат да бидат повредени, па затоа се препорачува активностите од овој тип да бидат што пократки.
Подигањето и носењето имаат позитивен ефект врз целиот организам, а особено врз динамичката сила на мускулите на рацете и рамењата, на грбот и на стомачните мускули и на мускулите на нозете. Предмети може да се носат и во соработка со друго дете. Тежината нека не надминува повеќе од 2 кг, а растојанието да не биде повеќе од 20 метри.
Бидејќи играта е најавтономна човечка активност и најикспресивна форма на детската активност, а бидејќи детето има можност преку играта да покаже сè што знае и може, треба физичката вежба да се спроведува преку таа игра, која ќе ги содржи сите горенаведени моторни движења.
Улога и влијание на вежбањето на децата од предучилишна возраст
Улогата на физичкото вежбање е токму развојот на моторните вештини кај детето кои му овозможуваат транзицијата на детето од т.н. беспомошна состојба (која ги карактеризира првите месеци од животот на детето) во т.н. состојба на зголемена независност. Покрај тоа, детето најмногу своите социјалните контакти ги остварува преку игра, што исто така се заснова на различни моторни активности.
Треба да се каже дека физичката вежба, покрај горенаведените задачи и цели, игра голема улога и ги открива вродените потенцијали на децата со цел нивниот понатамошен развој и збогатување.
Затоа, физичкото вежбање треба да се спроведе на таков начин што ќе овозможи да се формира здраво, физички добро и хармонично развиено дете, кое слободно и ефикасно ќе владее со своите моторни вештини, ќе ја развива и оплемени чувствителноста на детето и ќе го поттикне развојот на здравствена култура за зачувување и подобрување на здравјето на децата од предучилишна возраст.
Детските активности треба да се организираат на таков начин да предизвикаат задоволство и радост кај децата, а воедно и да потикнуваат, развиваат и негуваат потребата за соработка меѓу децата.