Родители и деца од нашата предучилишна установа ЈДГ „Весели Цветови“ – на општина Кисела Вода во Град Скопје, оваа седмица како предлог активност Ви ја прикажуваме приказната „Кралот Златко“, која е преземена од книгата „ПОВЕЌЕ ОД ИГРА“, а во која приказна се зборува за чудесните сетила, односно чувства или емотивни состојби.
“Еднаш, многу одамна живеел еден крал кој многу сакал злато. Се викал Златко. Секое утро би седнал на својот престол, пред отворениот прозорец и БИ ЈА ЧИСТЕЛ СВОЈАТА ЗЛАТНА КРУНА. ЈА ТРИЕЛ И ТРИЕЛ додека круната не би засветила како Сонце. Тогаш, ГОРДЕЛИВО ја ставал круната на гкава. Потоа го земал својот ковчег со богатство, го ставал во прегратка и СЕБИЧНО ги броел своите златни парички.
Едно утро кралот Златко на дното од својот ковчег здогледал една волшебна самовила. Прво малку се УПЛАШИЛ, а потоа се ИЗРАДУВАЛ. Го спуштил ковчегот на земја, ВНИМАТЕЛНО ја земал самовилата и ја ставил во рака. Ја подигнал близу до своето уво за да ја слушне волшебната порака од самовилата. Самовилата му шепнала дека ќе му исполни една желба. Кралот Златко на самовилата и шепнал дека сака се што ќе допре со своите раце да се претвори во злато. Штом ја слушнала самовилата оваа желба, веднаш исчезнала. Кралот Златко бил многу ВОЗБУДЕН и одлучил да испроба и да се увери дали самовилата навистина ја зборува вистината. Станал и го допрел својот престол. Пуф, престолот станал златен. Златко повторно седнал и ЗАДОВОЛНО ги триел рацете. Но престолот повеќе не бил мек и удобен.
Златко бил гладен. Земал со ЗАДОВОЛСТВО од својот омилен сендвич и го загризал. Пуф, сендвичот се претворил во злато и бил тврд како камен. Златко го повредил забот и тоа многу го ЗАБОЛЕЛО. Паднал од престолот и заплакал. Одлучил да ја побара самовилата. Ја барал под престолот, ја барал во ковчегот со богатство, барал, барал насекаде. Одеднаш самовилата се појавила на прозорецот. Кралот Златко клекнал и ПЛАЧЕЈЌИ ја молел самовилата да му дозволи да ја смени желбата. Пуф...самовилата повторно исчезнала.
Златко НЕРВОЗНО станал и се потпрел на престолот. Престолот повторно станал мек и удобен. Златко СРЕЌНО потскокнал и седнал. ВНИМАТЕЛНО го земал својот омилен сендвич и пополека го загризал. ММММ...сендвичот бил сочен и вкусен. Златко почувствувал олеснување и бил СРЕЌЕН. Го подигнал својот тежок ковчег со богатство и со напор го однел до отворениот прозорец. Тогаш го фрлил преку прозорецот. Ги викнал своите поданици да го поделат златото меѓу децата во кралството. Кралот Златко никогаш повеќе не бил АЛЧЕН и СЕБИЧЕН.“
Инструкции: Со зелена боја се обележани оние работи кои детето треба да ги прави или ги изведува во текот на раскажување на приказната, а со црвена боја се обележани емотивните состојби според кои детето треба да ги изведе работите обележани со зелена боја!
Цел: Запознавање со значењето на нови поими; изразување на различна емотивна состојба; гестикулативно изразување; можност за раскажување.